Хари Кејн е гол-машина, ги надмина Роналдо и Халанд!

Напаѓачот на Баерн Минхен, Хари Кејн, испиша историја во светскиот фудбал. 

Англичанецот стана играч кој најбрзо стигна до бројката од 100 гола во една од петте најсилни европски лиги. Кејн во новата победа на Баерн во Бундеслигата над Вердер (3-0) беше двоен стрелец, а притоа реализираше и 18-ти пенал во дресот на германскиот гигант. Со тоа тој стигна до стотиот погодок во дресот на баварците во 104 натпревари.

Со тоа Кејн го надмина рекордот кој досега го делеа Ерлинг Халанд и Кристијано Роналдо, на кои им беа потребни 105 меча за да го достигнат истиот учинок во клубови од најсилните пет лиги.

Оваа сезона Кејн е вистинска гол-машина, веќе има постигнато 11 гола на пет натпревари во домашното првенство. Тој пристигна во Баерн во летото 2023 година, а претходно за 12 сезони во Тотенхем постигна 280 голови на 435 натпревари. Доколку продолжи со вакво темпо во Минхен, лесно би можел да ја надмине таа бројка за многу пократок период.