Хаосот во фудбалска Италија само што започна: Оставка си поднесе и Буфон! 

Џанлуиџи Буфон, кој многумина го сметаат за најдобар голман на сите времиња, поднесе оставка од функцијата шеф на италијанската делегација. Италија беше поразена во Зеница од Босна и Херцеговина и нема да се натпреварува на овогодинешното Светско првенство.

Откако претседателот на Италијанската фудбалска федерација, Габриеле Гравина, поднесе оставка, кратко потоа Буфон го стори истото.

„Со оглед на тоа што претседателот Гравина одлучи да поднесе оставка, чувствувам дека морам да го сторам истото бидејќи тоа е одговорен чин. И покрај моето искрено верување дека изградив толку многу во однос на тимскиот дух со Гатузо и сите мои соработници за ова кратко време, главната цел беше да се квалификуваме за Светското првенство.

Не успеавме. Правилно е да им ја оставам слободата на оние што доаѓаат по мене да ја изберат личноста што ја сметаат за најдобра за мојата улога“, меѓу другото напиша Буфон.

Италија со неуспехот во Зеница ќе го пропушти третото Светско првенство по ред.