• Иван Димовски

Фудбалерите на Милан запишаа непланиран кикс во дуелот против Специја и на „Сан Сиро“ загубија со 1-2. Сепак, голема дамка на овој натпревар остави судијата Марко Сера кој го навлече гневот на „росонерите“ со еден, во најмала рака, чуден потег.
Милан поведе преку Леао, а Специја се врати со голот на Агудело. Поради тоа избраниците на Пиоли притискаа со сите сили во завршницата. Течеше 92. минута кога Анте Ребиќ имаше топка на околу 25 метри и беше фаулиран, ама успеа истата да ја протне топката до Жуниор Месиас. Бразилецот ја смести во мрежата на Проведел, но следеше шок.
- Чудната одлука на натпреварот на „Сан Сиро“:
Се огласи судијата Сера кој досуди фаул, иако Месиас погоди и со таа одлука им одзеде регуларен гол на домашните фудбалери. Тие беа бесни и реагираа бурно, а арбитрот се извинуваше. За хаосот да биде поголем, Специја стигна и до победа во последните секунди, бидејќи опсадата на Милан ја искористи Гиаси, кој погоди за 1-2 во 96. минута.
Ако е за утеха, Судиската организација во Италија упати извинување до Милан, а судијата Марко Сера ќе биде суспендиран и нема да суди неколку натпревари.