• Горан Упале
Голем инцидент го одбележа денешното дерби меѓу Глазгов Ренџерс и Селтик, кое се одигра на „Ајброкс“ во рамки на шкотскиот ФА Куп.
Натпреварот заврши без голови по 120 минути игра, а „келтите“ се пласираа понатаму откако победија со 4-2 по изведувањето на пенали.
Сепак, наместо славје, по последниот пенал следуваше хаос на теренот. Дел од навивачите на Селтик влегоа на тревникот за да ја прослават победата, по што реагираа и навивачите на Ренџерс, па настана турканица. Во нередите беа фрлани предмети и пиротехнички средства, а дел од навивачите се приближија и до фудбалерите.
Редарската служба и полицијата мораа брзо да интервенираат и да формираат „жив ѕид“ на теренот за да ги разделат двете групи навивачи, по што ситуацијата постепено се смири и играчите безбедно го напуштија теренот.
Од Шкотската фудбалска асоцијација веднаш го осудија однесувањето на навивачите и најавија официјална истрага за настанот, кој сериозно го засени големото дерби на шкотскиот фудбал.

