• Иван Димовски

Фудбалскиот натпревар меѓу Лацио и Рома заврши со победа на номиналниот домаќин (1-0), што беше директен удар во битката за место во Лигата на шампионите. „Лацијалите“ со голот на Матија Закањи дојдоа до трите бода во римското дерби, а „Олимпико“ одново беше сведок на спектакл.
Сепак, јасно беше дека тензијата во ваков натпревар е на високо ниво. По натпреварот имаше и судир на играчите, кој беше разрешен со по црвен картон за Кристанте и Марушиќ во двата табори. Според информациите, искрите продолжиле и откако тимовите заминаа во соблекувалните. Имено, дошло до мала расправија на Алесио Ромањоли и Џанлука Манчини.
Во приказната се вмешал и првиот човек на Лацио, Клаудио Лотито, кој сакајќи да ја смири ситуацијата, го испровоцирал Жозе Мурињо. Двајцата се познати по својот проблематичен карактер, па Мурињо и Лотито си размениле навреди во вербалната пресметка.
За среќа ситуацијата е бргу решена, меѓутоа одговорните лица од Серија А се запознаени со ситуацијата и ќе следи истрага за расправијата на Мурињо и Лотито.