Хамес: За ова мечтаам тринаесет години, мора да ја израдуваме цела Колумбија

Колумбија се избори за херојска победа над Уругвај и се пласира во финалето на Копа Америка, а еден од најзадоволните играчи после триумфот беше славниот Хамес Родригез, кој не успеа да ги задржи емоциите и се расплака пред камерите. 

Поранешниот играч на Реал Мадрид изјави дека овој момент го сонувал цели тринаесет години и конечно е среќен што му се остварила желбата, а воедно најавува и голема борба за освојување на престижниот трофеј. 

„Заслугите одат кај сите играчи, не само кај мене. Не ни беше лесно откако останавме со десет играчи, но на крајот пресуди нашиот воинствен карактер. Ќе се бориме за првиот трофеј од 2001 година наваму. Тоа за мене е остварување на сонот за кој мечтаев тринаесет години.

Играме во финалето против Аргентина. Тоа ќе биде тежок натпревар, полн со страст и желба за победа. Триумф на Копа Америка би бил круна на сите мои и наши заеднички напори во националниот тим. Мора да ја израдуваме целата земја и нашата дијаспора“, рече Хамес. 

Големото финале на Копа Америка ќе се одигра на 15 јули, со почеток во 02:00 часот по македонско време. Аргентина ќе се бори за својот шеснаесетти трофеј во историјата, додека Колумбија ја сонува втората титула во својата историја.