Халилхоџиќ објасни зошто повеќе не го повикува Хаким Зијеч

Легендарниот тренер Вахид Халилхоџиќ за босанските медиуми објасни зошто ја изоставил главната ѕвезда на мароканската репрезентација Хаким Зијеч од Африканскиот Куп на нации.

Репрезентацијата на Мароко моментално се наоѓа во главниот град на Камерун, каде се подготвува за континенталниот собир, а сите три натпревари од групата Ц ќе ги одигра во Јаунде.

„Создадов група играчи кои сакаат трофеи, играат, работат и се жртвуваат. Поставив и одреден критериум на однесување. Репрезентацијата не им припаѓа само на играчите, туку и на целата нација. Никој не смее да го расипува угледот, кредибилитетот и гордоста на фудбалската нација. Знам што правам и засега мојот потег се покажува како добар потег. Ниту еден играч не треба да биде над репрезентацијата“, изјави Халилхоџиќ.

В понеделник, на 10 јануари, Мароко ќе го одигра првиот натпревар протов Гана, на 14 јануари противник ќе му биде дебитантот Комори, а на 18 јануари е закажан дуелот со Габон.

Ова е трет настап за Халилхоџиќ во Африканскиот куп на нации откако во 2010 година беше елиминиран во четвртфиналето со Брегот на Слоновата Коска, а во 2013 година не ја мина групата со Алжир.