• Горан Упале

Фудбалската селекција на Мароко ги заврши настапите на Африканскиот Куп на Нации, откако по продолженијата го загуби четвртфиналниот дуел со големиот ривал Египет (2-1).
Селекторот Вахид Халилхоџиќ по елиминацијата зборуваше за бројни теми меѓу кои и за евентуалната оставка, како и за исфрлањето на Хаким Зијеч од репрезентацијата.
„Уште сега можам да ја напуштам функцијата селектор ако сакате. Ги добивме сите натпревари освен овој, напредувавме за 20 места на ранг листата на ФИФА. По последниот натпревар сме фрустрирани и разочарани. Ова беа тешки денови, но и оптимистички за мароканскиот фудбал. Дозволете ми да се квалификувам за Светското првенство. Тоа е мојата цел.
Зијеч не е фудбалер кој би можел да ја спаси оваа репрезентација. Не можам да повикам некој што ќе го уништи целиот тим, па макар тој бил Лионел Меси. Тука владее тимски дух и заедништво и сакам да го задржам тоа. Веќе двапати му простив некои работи, третиот пат не“, рече искусниот стратег.
Ѕвездата на Челзи не е во селекцијата на Мароко од септември минатата година, кога Халилхоџиќ изјави дека не верува во зборовите на Зијеч дека одбил да игра пријателски натпревар, со образложение дека бил повреден.