Халилхоџиќ: Хајдук ја „купи“ титулата во 1974 година, Вележ мораше да биде шампион

Вахид Халилхоџиќ беше гостин во емисијата „Неуспехот на прваците“, чиј автор и водител е поранешниот фудбалер Марио Станиќ. Легендарниот тренер се присети на некои од најголемите трауми од фудбалските терени, а една од нив е поврзана со Хајдук и сезоната 1973/74. 

Хајдук и Вележ имаа ист број поени, но Хајдук ја освои титулата поради подобра гол-разлика. Во последното коло, Вележ славеше над Сараево со 3-1, додека Хајдук на гостински терен го совлада ОФК Београд со 0-2. Двата тима на крајот имаа 45 бодa, но сплитскиот клуб имал разлика од +28, додека Вележ имал +20. Халилхоџиќ директно го одвини Хајдук дека го „купил“ натпреварот со ОФК Београд и тоа го изнесе во емисијата на Марио Станиќ. 

„Вележ имаше неверојатна генерација. Сите бевме млади и полетни. Моравме да бидеме прваци, но ни ја украдоа титулата.

Хајдук го „купи“ последниот натпревар со ОФК Београд и ова што го зборувам е апсолутна вистина. Ја знам целата приказна со стручниот штаб, голманот Борота и сите останати што беа вмешани во овој скандал“, изјави Халилхоџиќ. 

Тој исто така наброи и уште неколку моменти кои ги смета за неправедни. Халилхоџиќ изјави и дека бил крајно разочаран што имал само епизодна улога во репрезентацијата на Југославија за Светското првенство во Шпанија во 1982 година, иако бил еден од најдобрите играчи во земјата. 

Во својата богата тренерска кариера Вахид Халилхоџиќ беше предводник на многу тимови и репрезентации. Беше главен тренер на Лил, Рен, Пари Сен Жермен, Трабзонспор, Ал-Итихад и Динамо Загреб, а како селектор работеше во репрезентациите на Алжир, Јапонија, Брегот на слоновата коска и Мароко. Тој е единствен селектор во историјата што успеал да се пласира со три различни африкански репрезентации на завршницата од Светските првенства.