• Иван Димовски

Фудбалерите на Норвешка славеа во скандинавското дерби против Шведска со 3-2 (1-0) и по четири кола и натаму се лидери и главен претендент за првото место во групата 4 во Лига Б. Средбата на „Улевал“ во Осло понуди еден гол во првото, како и три во второто полувреме. Ова е прва официјална победа во четири децении за норвешката репрезентација против соседите од Шведска.
- Извештај од натпреварот:
Во десеттата минута првата ѕвезда на Норвежаните, Ерлинг Халанд стрелаше со глава за 1-0, по центаршут од Бјоркан. Гостинот во Осло немаше решение за добрата игра на домашните, иако се обидуваше да се наметне не му одеше и до паузата немаше погодоци.
На стартот на продолжението Сорлот изнуди удар од единаесет метри, по ВАР-интервенција. Имено, голманот Робин Олсен задоцни и го удри напаѓачот на норвешката селекција во главата. Одговорноста ја презеде Халанд и во 54. минута успеа да удвои на 2-0. Сепак, надежта на Швеѓаните ја врати Емил Форсберг. Искусниот офанзивец беше проигран од Кулушевски, па со удар од шеснаесетникот стрелаше за 2-1. Тоа како да беше максимумот од избраниците на Андерсон на оваа средба, додека на спротивната страна момците на Солбакен дојдоа и до трет гол.
Точка на победата стави Александер Сорлот во 77. минута. Напаѓачот на Реал Сосиедад погоди по асистенција на Халанд и погоди за 3-1. Иако беа инфериорни и речиси немаа шанси, во петтата минута од судиското надополнување, Швеѓаните преку резервистот Виктор Гиокерес ги поставија конечните 3-2.
Со овие три бода Норвешка е лидер на табелата со десет бода, Србија има шест и меч со Словенија вечерва, додека Шведска остана без шанси за првото место.