Халанд: Не кријам, ме донесоа во Сити за да ја освоиме „триплетата“!

Ерлинг Халанд е комплетно подготвен за последните предизвици на Манчестер Сити. „Граѓаните“ имаат за одигрување уште две финалиња и сите во нивниот табор се надеваат дека тимот може да стигне до фамозната „триплета“. 

Халанд оваа сезона е прво име во нападот на Пеп Гвардиола и постигна неверојатни 51 гол во сите конкуренции, а самиот играч е презадоволен од учинокот и вели дека е максимално фокусиран на триумф во следните две финалиња, против Манчестер Јунатед во ФА-Купот и во Лигата на шампионите против Интер

„Би било навистина феноменално ако успееме да стигнеме до тој историски успех. Јас не кријам дека мојот трансфер во тимот беше направен токму поради ова. Мораме да се прикажеме во најдобро светло и да ја освоиме „триплетата“. Ако сега не го сториме тоа, не знам кога повторно ќе имаме ваква шанса. Ќе направиме сè што можеме за да стигнеме до целта. 

Многу ни олесна кога успеавме да го минеме Арсенал, а потоа и ја освоивме Премиер лигата. Тоа ни даде и дополнителен мотив, па затоа мислам дека атмосферата меѓу играчите е на највисоко можно ниво. Нè очекуваат два исклучително тешки натпревари. Манчестер Јунајтед ќе биде силно мотивиран, а верувам дека истото ќе биде и со Интер. Секоја екипа сака да стигне до трофеј, без разлика во кое натпреварување. Не случајно нашите противници се во финалето и ние мораме да бидеме максимално сконцентрирани на она што треба да го правиме на теренот“, заклучи Халанд. 

Норвешкото „чудо од дете“ се покажа како сензационален трансфер сезонава. Тој ги оправда, па дури и ги надмина очекувањата на сите фудбалски љубители и навивачи ширум светот. Халанд е на одличен пат да го вивне Манчестер Сити во најголемите височини на фудбалската игра, а нивата одисеја ќе кулминира со финалето во Лигата на шампионите кое ќе се одигра на десетти јуни во Истанбул.