Халанд испиша историја во Премиер: Прогласен е за фудбалер на сезоната и најдобар млад играч!

Норвешкиот фудбалер Ерлинг Халанд беше прогласен за играч на сезоната во Премиер лигата, по рекордната дебитантска сезона, во која беше најдобар стрелец во лигата додека Манчестер Сити ја освои третата последователна титула во лигата.

Халанд постигна 36 гола на 35 натпревари оваа сезона, соборувајќи го претходниот рекорд од 34 гола во една сезона што го делеа Енди Кол и Алан Ширер, кој стоеше речиси три децении.

Норвежанецот беше избран за играч на сезоната од навивачите, капитените на дваесет клубови од Премиер лигата и комисијата од фудбалски експерти. Ова е четврта сезона по ред како оваа награда ја добива еден од играчите на Сити по Кевин де Брујне, кој за најдобар беше избран 2019/20. и 2021/22 и Рубен Диас, кој ја имаше таа чест во 2020/21 година.

Халанд ги победи соиграчот Де Брујне, двоецот на Арсенал, Букајо Сака и Мартин Одегард, потоа Маркус Рашфорд од Манчестер Јунајтед, напаѓачот на Тотенхем, Хари Кејн и дефанзивецот на Њукасл Јунајтед, Киеран Трипие. Тој исто така беше прогласен за фудбалер на годината од Здружението на фудбалски писатели, откако освои рекордни 82% од гласовите. Исто така, норвешкиот голгетер стана првиот во историјата кој понесе две признанија во иста сезона, откако беше избран и за најдобар млад играч.

Халанд ќе има шанса да го зголеми бројот на голови во Премиер лигата в недела попладне, кога Сити ќе гостува кај Брентфорд во последниот натпревар од сезоната.