Халанд доби поштеда, селекторот го „избрка“ за да одмори

Ерлинг Халанд продолжи со импресивната форма во националниот дрес, постигнувајќи три гола во убедливата победа на Норвешка против Израел, а по овој дуел ѕвездата на Викинзите доби одмор.

Норвешка со оваа победа ја заокружи серијата официјални натпревари со висока самодоверба, а селекторот Стаале Солбакен веќе ја насочува својата екипа кон следните предизвици. Вечерва Норвежаните ќе одиграат пријателски меч против Нов Зеланд, на стадионот во Осло.

Сепак, дуелот со Нов Зеланд ќе помине без најголемата ѕвезда на тимот. Ерлинг Халанд нема да настапи, откако селекторот Солбакен одлучи да го ослободи од обврските и да му дозволи да се врати во Англија. Според норвешкиот фудбалски сојуз, одлуката е донесена поради напорниот распоред и потребата играчите да се одморат пред продолжението на клупската сезона.

Покрај Халанд, ослободени од селекторот се уште Александер Сорлот, Јулијан Рајерсон и Фредрик Бјоркан. Покрај нив, Феликс Хорн Мајре го напушта кампот поради повреда на зглобот.