• Мартин Танасковски
Фудбалерите на Пари Сен Жермен остварија уште една сигурна победа во француската Лига 1, совладувајќи го Брест на стадионот „Франсуа ле Бле“ со 0-3 во рамките на деветтото коло. Тимот на Луис Енрике ја продолжи неверојатната традиција, ПСЖ не знае за пораз на овој терен уште од далечната 1991 година.
- Извештај од натпреварот:
Тренерот на „светците“ овојпат изведе прилично силен состав, комбинирајќи искусни носители на играта со младите напаѓачи Сени Мајулу и Квентан Енџанту, кој доби шанса во завршницата на мечот. Брест влезе мотивирано, обидувајќи се да се надигрува, но квалитетот и класата на гостите сепак дојдоа до израз.
Првиот гол го постигна Ашраф Хакими во 29. минута по одлична акција и прецизно додавање од Витиња. Парижаните го удвоија водството само десет минути подоцна, повторно преку Хакими, кој одлично реагираше на асистенција на Кварацхелија. Брест имаше шанса да се врати во натпреварот на почетокот од второто полувреме, кога судијата Жереми Пинар по долга ВАР проверка досуди пенал по игра со рака на Канг-ин Ли. Сепак, Роман дел Кастиљо ја презеде одговорноста, но се лизна и ја испрати топката високо над голот на Лука Шевалие.
До крајот на мечот, Брест се обиде преку контри да изненади, но ПСЖ беше поопасен, особено по влегувањето на Усман Дембеле и младиот Дезире Дуе. Токму Дуе во финишот ја потврди победата на гостите со убав погодок по брза акција. Со овој триумф, Пари Сен Жермен се искачи на врвот на табелата со 20 освоени бодови, додека Брест остана на девет и го прекина серијалот од четири натпревари без пораз.







