• Горан Упале
Екипата на Пари Сен Жермен и по 23 кола е без пораз во француската Лига 1. „Светците“ вечерва имаа тешко гостување кај некогашниот шампион Лион и во лудо второ полувреме на крај заслужено славеа со 2-3 (0-0).
- Извештај од натпреварот:
За парижани ова беше осумнаесетти овосезонски триумф во домашниот шампионат и се неприкосновени лидери, додека Лион го претрпе седмиот пораз по кој остана на шестата позиција на табелата.
Натпреварот на еден од најубавите и најголемите стадиони во Франција донесе тотална доминација на ПСЖ, но отпорот на домаќинот беше скршен дури во второто полувреме. Во 53. минута прва радост за парижани донесе Ашраф Хакими, кој стрелаше по асистенција на Баркола, додека само шест минути подоцна Квича го проигра Осман Дембеле, а овој ја потврди одличната форма и со својот седумнаесетти погодок во Лига 1 зголеми на 0-2.
Во самиот финиш домаќините најавија драма, затоа што Рајан Черки намали на 1-2, но веќе во следниот напад Хакими повторно беше на висината на задачата и со својот втор вечерашен погодок го врати ПСЖ на сигурни два гола предност (1-3). Во судиското надополнување во Лион падна уште еден гол, откако Корентин Толисо ги постави конечните 2-3.
Во следното коло ПСЖ игра уште едно дерби, против тимот на Лил, а Лион враќање на победничките патеки ќе брка против Брест на свој терен.