Хајдук не знае за победа во Скопје, традицијата е на страната на Ренова

Екипата на Ренова е пред голем предизвик, бидејќи во квалификациите за пласман во Лигата на Европа налета на хрватскиот гигант Хајдук. 

Сепак, иако противникот е апсолутен фаворит на хартија, ниту во Хајдук „не цветаат рози“. Клубот остана без предводникот Игор Тудор и по воведните две победи, со реми и пораз допатува во Скопје на пресметката со Ренова. 

Овие две екипи се сретнаа само еднаш во историјата, кога во првото коло од квалификациите за Интертото купот, тимот од Џепчиште со двата гола на Генц Исени го елиминира фаворитот од Хрватска кој тогаш беше предводен од селекторот Златко Далиќ. 

Хајдук не се радуваше ниту на второто гостување во Македонија. Во сезоната 2013/14, во квалификациите за истото натпреварување го исфрли Хоризонт Турново, но само поради домашната победа од 2-1. Сепак, на реваншот во Скопје, турновци не загубија и одиграа реми со по еден гол (1-1), а интересно стрелец за Хајдук беше Мијо Цакташ, кој сега е капитен на клубот од Сплит.