ВИДЕО: Хаиме Мата го сруши Сосиедад за прва радост на Хетафе по три месеци

Екипата која беше хит во Примера во текот на целата сезона, Хетафе од Мадрид конечно ја забележа првата победа по рестартот на натпреварите за бодови на Пиринеите. Екипата на Хорхе Бордалас го совлада Реал Сосиедад со 2-1 (1-0) во последниот дуел од 31. коло, со што Баскијците се единствена екипа, покрај Мајорка и Леганес, која не победила по враќањето на фудбалот во Шпанија.

  • Извештај од натпреварот: 

Мадридскиот тим беше подобар ривал во првиот дел, почесто притискаше и во 20. минута Хаиме Мата од пенал го отвори резултатот (1-0). По најубавата акција на средбата, Ојарзабал го пронајде Јанузај, а Белгиецот со ефектен удар со левата нога го матира Ремиро (1-1). Кога се чинеше дека натпреварот ќе заврши со поделба на пленот, Молина изведе аут со кој ги фати на спиење дефанзивците на гостинската екипа и Хаиме Мата од мртов агол ја протна топката меѓу нозете на Ремиро за финални 2-1.

Со овие три бода Хетафе изби на петтото место до 52 бода, само два помалку од Севиља во борбата за влез во Лигата на шампионите.