Хаџиристески: Мора да се обезбеди менаџерски тим за Победа, но владее голема недоверба во проектот

И оваа сезона поранешниот шампион на Македонија, прилепска Победа, се соочува со големи егзистенционални проблеми. Акционерите кои неодамна ги купија акциите од клубот, си заминаа и моментално привремена управа го раководи клубот. По првите натпревари се гледа дека играчкиот кадар е скромен и дека Победа ќе се бори за опстанок во Втората лига.

На актуелната тема која ги мачи прилепчани, за локалните медииуми говореше поранешниот претседател Харалампие Хаџиристески, кој предложи начин на работа, дури е подготвен и со своето искуство да помогне.

„Победа сезонава почна со млади фудбалери, поискусните прилепчани играат за други клубови. Не знам кој е планот на клубот оваа сезона. За да фунцкионираш само за да опстанеш, ништо не си направил. Мора да се трудиш да напредуваш. 

Сопствениците кои ги купиле акции треба јавно да ги кажат плановите за работа на клубот. Зошто им се акциите ако немаат средства да го водат клубот? Има 5-6 компании во Прилеп, кои ако сакаат. можат да се вклучат во проектот. Но, присутна е голема недоверба. Мора да се обезбеди менаџерски тим кој ќе ја води Победа. Како што е организирана една компанија, така треба и клубот да функционира“, рече Хари Хаџиристески за „Радио Пела“.

Легендарниот предводник на Победа потоа потврди дека секогаш е отворен за помош, но не и за раководење со фудбалот. 

„Јас во фудбалот го достигнав врвот. Почнувајќи од Варош, па до најзначаните инстанци на УЕФА и ФИФА. После сите достигнувања не можам да се вратам и целосно да се вклучам во проектот на Победа. Можам да дадам придонес да се формира менаџмент, да помогнам, но не и да го водам клубот“, заврши поранешниот предводник на прилепскиот гигант и Фудбалската федерација на Македонија. 

Прилепската гордост по првите четири кола од Втората лига освои само еден бода и се наоѓа при дното на табелата.