Хаџиевски: Немам зборови со кои можам да се заблагодарам за вашиот гест!

Селекцијата на фудбалски ветерани на Македонија триумфираше со 2:3 на ревијалниот меч што се одигра во Варна против ветераните на Бугарија. Овој натпревар имаше хуманитарен карактер и приходот од оваа средба беше наменет за семејствата на жртвите во големата трагедија во Кочани.

Бугарските ветерани предводени од легендарниот Христо Стоичков ја покренаа иницијативата што беше прифатена од страна на македонските фудбалери, кои на овој натпревар беа предводени од Горан Пандев.

Селекторот на нашата репрезентација на ветерани, Ѓоко Хаџиевски, зборуваше пред бугарските медиуми по дуелот во Варна.

„Големо благодарам на Стоичков и целата фондација. Благодарам на градоначалникот, на клубот Спартак и посебно на навивачите кои покажаа европски вредности. Достоинствено го испочитуваа овој хуманитарен натпревар, со кој сакаме да дадеме почит на шеесете жртви во Кочани. За нас во Македонија ова е најголема трагедија по земјотресот во Скопје во 1963 година. Се работи за млади деца и уште некои млади луѓе се борат за живот.

Немам зборови со кои можам да се заблагодарам за вашиот гест, за моментот, за односот. До збор ќе пренесеме во Македонија како нè пречекавте. Душата ни е полна и не сакам да зборувам за натпреварот. Резултатот и мечот не се најважни. Играчите се однесуваа како со години да се заедно. Овој ден ќе ни остане во сеќавање засекогаш“, рече Хаџиевски, кој има култен статус во Бугарија. 

По натпреварот нашите и бугарските фудбалери имаа заедничка вечера. дружење и со многу спомени заминуваат од оваа хуманитарна средба на пријатели.