• Саше Љолес

Репрезентацијата на Романија претрпе тежок дебакл во Варшава, каде што Полска ја декласираше со убедливи 6-0. За Романците ова е еден од најтешките порази во историјата на националниот тим.
Последен пат Романија примила шест гола на еден натпревар во далечната 1977 година, кога Југославија славела со 6-4. Пораз со шест гола разлика, пак, Романците претходно доживеале во 1967 година, кога Швајцарија победила со 7-1.
Катастрофата во Варшава започна во 22. минута. Раду Драгушин направи прекршок во сопствениот шеснаесетник, доби директен црвен картон, а Роберт Левандовски беше прецизен од белата точка.
Напаѓачот на Полска подоцна постигна уште два гола и комплетираше хет-трик, додека во листата на стрелци се запишаа и Пјотр Зиелински и Јан Беднарек. Вирџил Гица, пак, си постигна автогол.
Уште потежок е почетокот на селекторскиот мандат на легендарниот Георге Хаџи. Романија претходно во Лигата на нации загуби од Шведска со 1-2 и од Босна и Херцеговина со 2-4, а сега следуваше убедливиот пораз во Полска.
По последниот свиреж Хаџи веднаш замина кон соблекувалната, додека фудбалерите се упатија кон романските навивачи. Од трибините, наместо поддршка, добија свирежи.
Критики стигнаа и од Адријан Муту, кој не ги штедеше репрезентативците по тешкиот пораз.
„Доживеавме понижување. Видов апатична и дезориентирана екипа, играчи кои шетаа по теренот. Ситуацијата е сериозна, во прашање е угледот на Романија“, изјави Муту.
По ваквиот резултат, Романија се соочува со сериозни прашања околу формата на тимот и стартот на новиот циклус под водство на Хаџи.







