Гвардиола: Жал ми е ако голот беше од офсајд, не сакам да победувам вака

Гвардиола

Пласманот на Манчестер Сити во полуфиналето од ФА Купот со победата над Свонси донесе многу полемики.

Головите на „граѓаните“ за пресврт беа сомнителни и можеби не требаше да важат. Првиот пристигна од контроверзно досуден пенал, кој го реализира Серхио Агуеро, а победничкиот по потенцијален офсајд на истиот фудбалер.

>> ВИДЕО: Два гола на Сити во Велс „под лупа“, „граѓаните“ дарувани?

Менаџерот Пеп Гвардиола по мечот изјави дека жали за ваквата ситуација и дека не би сакал да прифати да победува на ваков начин.

„Искрено не забележав на прв поглед. Ако голот беше од офсајд, тогаш многу ми е жал. Не сакам да победувам на таков начин.

Треба да се запрашаат авторитетите зошто нема ВАР технологија. Ги прашуваа сите клубови дали прифаќаат таква опција и некои се согласија истата да се примени во текот на оваа сезона.

Понекогаш се работи за сантиметри, а во ВАР собата се разгледува ситуацијата и по три минути. Замислете да донесете одлука за една секунда во текот на натпреварот...“ , вели шпанскиот тренер.

Полуфиналисти на ФА Купот се уште и екипите на Вотфорд и Вулверхемптон, а последниот патник ќе се знае по дуелот меѓу Милвол и Брајтон.

Англискиот првак е во игра за пет трофеи до крајот на сезоната. Стои на чело на табелата во Премиер лигата, ќе игра во полуфиналето на ФА Купот, во четвртфиналето од Лигата на шампионите ќе се соочи со Тотенхем. „Граѓаните“ веќе имаат два трофеи во својата витрина. На 24 февруари по пенал рулетот го совладаа Челзи и стигнаа до трофејот во Карабао Купот, а на почетокот од сезоната против истиот ривал славеа во Суперкупот на Англија.