• Саше Љолес

Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, изјави дека е навистина среќен за неговиот поранешен „ученик“, Винсент Компани кој со голем успех го предводи Барнли каде настапува нашиот Дарко Чурлинов.
Оваа изјава доаѓа откако ждрепката за четвртфиналето од ФА Купот сакаше да се сретнат токму екипите на Манчестер Сити и Барнли, а ова ќе биде убава можност за Компани да се врати на стадионот каде настапуваше цели 11 години. Тој неколку сезони беше и капитен на тимот, така што сигурно навивачите на Сити ќе го пречекаат со громогласен аплауз на „Етихад“.
Гвардиола зборуваше за успешната кампања на младиот белгиски тренер и за рекордите што ги руши со екипата на Барнли:
„Винсент ќе се врати во својот клуб, порано или подоцна. Едноставно, неговата судбина е таква. Тој остави неизбришлива трага како играч на Сити, а верувам дека ќе остави голем белег и како тренер на овој клуб. Да, јас силно верувам дека тој ќе биде предводник на Манчестер Сити еден ден. Не знам кога, но знам дека ќе се случи. Тој го заслужува тоа. Ќе се обидеме да одиграме максимално против Барнли, имаме шанса да заиграме на Вембли и ќе мораме да поминеме преку екипата на нашиот бивш играч, кој бележи фантастични успеси како тренер на овој клуб“.
Екипата на Барнли е 14 мечеви без пораз во Чемпионшип дивизијата и се на одличен пат да се вратат во Премиер лигата следната сезона, затоа што имаат 12 бодови предност пред второпласираниот Шефилд Јунајтед.