• Сашо Поповски

Манчестер Сити не го искористи домашниот терен за да му зададе удар на ривалот за титулата во Премиер лигата, Ливерпул.
„Црвените“ си заминаа дома со освоен бод, а според Пеп Гвардиола овој резултат перфектно ги отсликува случувањата на теренот на „Итихад“.
„Неизвесен меч, тие започнаа добро, а ние примивме гол, сличен на пеналот како против Лестер. Имавме поконкретни шанси во второто полувреме, но ремито е фер исход. Не е лесно да се браните против Ливерпул - тие обично имаат три играчи во напад, сега имаа четири, трчаат од позади... Не е лесно, но се прилагодивме малку и смело застанавме малку повисоко.
Постигнавме добар гол и за жал промашивме пенал, а потоа е многу потешко против противник како Ливерпул. Ако не можете да победите за 80-85 минути, не смеете ни да загубите. Кога играте против кандидат за титула, тоа е така. Се познаваме многу добро. Резултатот е лош за нас бидејќи сакаме да победиме на секој натпревар на домашен терен“, изјави Шпанецот по големото дерби.
Сити остана далеку од врвот, а Ливерпул сега го дели второто место со Тотенхем на Жозе Мурињо.