• Иван Димовски
Пеп Гвардиола се подготвува за голем јубилеј, 1000 натпревари во тренерската кариера, а судбината посака токму Ливерпул да му биде ривал на Манчестер Сити на овој историски меч.
Тренерот на Манчестер Сити вели дека тоа е совршен противник, бидејќи токму „црвените“ и Јирген Клоп биле неговите најголеми ривали во изминатата деценија. Каталонецот призна дека му недостигаат дуелите со германскиот стратег, кој минатата сезона се повлече од тренерската сцена.
„Кога би требало да изберам еден ривал за оваа лична прекретница што сакам да ја споделам со многу луѓе, тие би биле најдобрите. Ливерпул, особено со Јирген, беа ми најголемите ривали во оваа земја и не може да биде подобро, искрено. Судбината така одлучи и убаво е тоа да се доживее.
Додека Клоп беше тука, мислам дека меѓусебно се почитувавме. Имав чувство дека тој ми даде многу и ми недостасува. Ми даде многу во смисла дека, за да го победам тој човек, морам да размислувам, да работам и да правам повеќе, за да бидам подобар“, изјави Гвардиола.
Гвардиола и Клоп водеа неколку легендарни битки во Премиерлигата, кои често ја одлучуваа титулата. Сега, за првпат по долго време, Пеп ќе го дочека Ливерпул без својот стар познаник на спротивната клупа.








