• Горан Упале
Пеп Гвардиола, менаџерот на Манчестер Сити, изјави дека нема да води ниту еден друг фудбалски клуб кога ќе ја заврши својата мисија на „Итихад“ и посочи дека би бил заинтересиран за селекторската фукнција.
Гвардиола неодамна го продолжи договорот со Сити на уште две години, до 2027 година.
„Нема да тренирам друг клуб. Не зборувам за долгорочна иднина, туку да го напуштам Манчестер Сити, да одам во друга земја и да го правам тоа што го правам сега... Не, нема да се случи тоа. Помислата да се започне некаде на друго место, целиот тренажен процес и сè останато. Не, не, не. Можеби репрезентацијата, но тоа е поинаку“, рече Пеп.
Кога ќе му истече договорот, тој ќе помине единаесет години во Сити. Тој не ја исклучи можноста да ја заврши кариерата кога ќе му истече договорот со Сити.
„Сакам да играм голф, но нема да можам да го правам тоа (ако го преземам друг клуб). Мислам дека би сакал да престанам да работам“, додаде шпанскиот тренер.
Гвардиола важи за еден од најдобрите фудбалски тренери во историјата, по успехот во Барселона, Баерн Минхен и Сити. Тој освои 32 трофеи, вклучувајќи и три од Лига на шампиони. Со англискиот клуб освои 15 трофеи, од кои шест титули се од Премиер лигата и еден од Лигата на шампионите.