• Саше Љолес

Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, изјави дека е малку лут по мечот со Нотингем Форест. „Граѓаните“ иако имаа играч помалку, славеа со 2-0, но шпанскиот стратег имаше замерки за судијата Ентони Тејлор.
„Натпреварот беше совршен во првите 35 минути, а потоа настана хаосот. Судијата прелесно доделуваше картони и мислам дека тука започна лудилото. На толку жолти картони, мислам дека одговорноста не е кај Сити или кај Форест. Судијата потполно го смени текот на натпреварот“, рече стратегот на „граѓаните“.
Гвардиола се осврна и на Родри, кој заработи директен црвен картон откако го фати за гуша Морган Гибс-Вајт и ги остави своите соиграчи со десетмина на теренот.
„Родри мора да научи да ги контролира емоциите. Јас смеам да добијам жолт или црвен картон, затоа што не сум на теренот. Играчите мора да бидат пофокусирани и да внимаваат, затоа што влогот е преголем. Мислам дека едноставно паднавме во замка, ова не смее да ни се случува во иднина. Се надевам дека Родри ја извлече поуката“, изјави Гвардиола
И покрај овие поплаки од Гвардиола, Манчестер Сити совршено ја започна новата сезона во Премиер лигата. Актуелниот англиски и европски шампион има 15 бода по пет одиграни кола и се чини дека многу рано создава бодовна разлика пред конкуренцијата.