Гвардиола: Бевме најдобри, а за пеналите – знаат судиите и оние во ВАР-собата!

Пеп Гвардиола, стратегот на Манчестер Сити, и покрај поразот беше горд на својот тим по прикажаното на „Енфилд Роуд“ во дерби-дуелот против Ливерпул (3-1). По дуелот тој истакна дека Сити покажал зошто е шампион, а не сакаше да ги коментира спорните судиски одлуки кога двапати се играше со рака во казнениот простор на Ливерпул, а немаше пенал.

„Начинот на кој игравме беше фантастичен. Горд сум на мојот тим повеќе од било кога. Да играш така против еден од најсилните тимови во Европа, не е мала работа. Покажавме зошто сме шампиони.

Дали заслуживме пенал? Тоа прашање е за судиите. Прашајте ги нив, ве молам. Не мене. Прашајте го Мајк Рајли и луѓето кои се во ВАР-собата. Игравме одлично, сакам да зборувам за изданието на мојот тим затоа што тоа беше многу добро. Ова беше еден од најдобрите наши натпревари“, изјави Гвардиола.

Манчестер Сити сега е на четвртото место во Премиер лигата, а Ливерпул е апсолутен лидер и го зададе првиот удар кога се работи за борбата на тронот на Островот.