Гвардиола: Не сум среќен, вака загубивме многу бодови сезонава

Манчестер сити повторно разочара во Премиер лигата, откако одигра 2-2 на домашен терен против Нотингем форест и дополнително се оддалечи од трката за титулата во Премиер лигата. 

Тимот предводен од Пеп Гвардиола имаше целосна контрола на натпреварот, со околу 70 проценти посед на топката и дури 21 удар кон противничкиот гол, но и покрај тоа не успеа да стигне до победа.

Ремито дојде во момент кога Сити веќе имаше водство, што е проблем кој се повторува оваа сезона. Според статистиката, тимот изгубил дури 13 бодови на натпревари во кои претходно водел.

„Имаше мечеви на кои не заслуживме победа, а сепак ги освоивме бодовите. На овој дуел со Форест ситуацијата е поинаква. Игравме добро во текот на сите 90 минути, но моравме да се задоволиме само со бод. Мислам дека денес го заслуживме триумфот, моравме да го задржиме водството. 

Не сум среќен, на овој начин загубивме многу бодови сезонава. Требаше подобро да ја спречиме нивната транзиција, а исто така знаевме и дека ќе играме против тим кој е одличен во дефанзивата. Креиравме многу шанси против овој незгоден ривал“, изјави Шпанецот. 

„Граѓаните“ сега имаат седум бода помалку од Арсенал, но „топчиите“ имаат натпревар повеќе. Во следното коло, Манчестер Сити ќе гостува во Лондон кај екипата на Вест Хем.