Гвардиола и Кук едногласни: Треба да зборуваме само за фудбал!

Бурниот натпревар од ФА Купот, меѓу Виган и Манчестер Сити, во кој „граѓаните“ се неочекувано елиминирани, имаше и свое трето полувреме по неговото завршување. Најпрво Агуеро имаше дуел со домашните навивачи, а нервозата се пресели и на патот кон соблекувалната. Сепак, иако беа меѓу главните актери во настанатите немири на патот кон соблекувалната, Пеп и неговиот колега Кук се обидоа да ги смират зовриените страсти.

„Ако сакате да ме прашате за фудбал, слободно направете го тоа. Ништо не се случуваше во тунелот. Кук и неговиот стручен штаб само требаше да останат таму каде што им е местото и тоа би било тоа. Тие се многу агресивен ривал“, изјави Гвардиола.

На сето ова и менаџерот на Виган, Пол Кук, изјави дека треба да се зборува само за натпреварот.

„Треба да зборуваме само за фудбалот и самиот натпревар. Имаше многу фаули, јас мислев дека Делф заслужи директен црвен, Пеп не се сложуваше со тоа. Но тоа е убавината на фудбалот, некогаш размислувањата ни се различни“, изјави Кук.

Со поразот од Виган, за тимот на Манчестер Сити заврши и сонот за освојување на четири титули оваа сезона.