Гвардиола ги „ослободи“ играчите и порача: Немам посебен план за реваншот со Реал!

Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, им даде слободен ден на своите фудбалери пред реванш-натпреварот против Реал Мадрид во Лигата на шампионите, каде „граѓаните“ ќе „бркаат“ голема негатива од три гола. 

Шпанскиот стратег призна дека е пред многу тежок и скоро невозможен предизвик, но најави дека тимот ќе се обиде да го стори она што дури и навивачите сметаат дека е премногу тешко. 

„Фудбалерите денес се дома со своите семејства. Претпоставувам дека имаат комуникација меѓусебно, а утре наутро повторно ќе се сретнеме. Сакав да им дадам малку одмор за да се консолидираат и да пристигнат во клубот без голем притисок. 

Што се однесува до натпреварот, немам некој посебен и специјален план. Мораме да пробаме да се вратиме во игра, но за такво нешто ќе треба да одиграме перфектен натпревар.

Се надевам и дека некои судиски одлуки овој пат ќе бидат во наша корист. Треба многу работи да се поклопат за да се надеваме на историски кам-бек“, изјави Гвардиола. 

Манчестер Сити загуби со убедливи 3-0 на првиот осминафинален натпревар во Мадрид. Реваншот се игра на 17 март, а почетокот е закажан за 21:00 часот.