Гвардиола: Би сакал да бидам селектор, имам голема желба да бидам дел од СП

Пеп Гвардиола несомнено е еден од најдобрите светски тренери. Тоа го докажа со безброј освоени титули во Барселона и Манчестер Сити, а ништо понеуспешен беше и неговиот престој во Баерн Минхен. 

Стратегот има договор со „граѓаните“ до 2025 година, а деновиве го привлече вниманието со изјавата дека наскоро би сакал да стане селектор и да предводи некоја репрезентација на Европско или Светско првенство. 

„Селекторската работа е навистина интересна и привлечна. Тука е сосема поинаков пристапот од клупските обврски, но мислам дека поседувам квалитет да предводам некоја репрезентација на големо натпреварување. Не знам кога би се случило тоа, но знам дека имам голема желба за такво нешто. Имам договор со Манчестер Сити до 2025 година, а потоа сите опции се отворени“, изјави Шпанецот. 

Медиумите во неговата родна земја ја окарактеризираа изјавата како „флертување“ со Шпанската фудбалска федерација и велат дека е можно Гвардиола да ја преземе „фуријата“ веднаш по Мундијалот во 2026 година, кога ќе истече договорот на актуелниот селектор Де ла Фуенте.