• Саше Љолес
Медиумите на Островот ја пренесуваат информацијата дека Пеп Гвардиола би можел да биде нов селектор на англиската репрезентација, по завршувањето на Европското првенство кое следната година ќе се одигра во Германија.
Веќе подолго време се шпекулира околу наследникот на Герет Саутгејт, а во игра очигледно е и предводникот на актуелниот европски шампион, Манчестер Сити. Гвардиола ужива огромна почит во Англија, па затоа медиумите велат дека Фудбалската федерација веќе стапила во контакт со шпанскиот стратег.
„Дејли Мејл“ беше најконкретен во своите објави и вели дека Гвардиола би требало да седне на клупата на „Трите лава“, веднаш по завршувањето на континенталниот собир во 2024 година. Федерацијата планира да го примами Шпанецот со екстремно богат договор, а воедно ќе треба да им платат и отштета на „граѓаните“, затоа што Гвардиола има договор до летото 2025 година.
Сите овие наводи досега во јавноста беа примени само како шпекулации, но доброупатени извори велат дека ваков потег е сосема логичен и изводлив. Пеп Гвардиола сезонава се бори за четврта последователна титула во Премиер лигата, а неодамна со Манчестер Сити триумфираше и во Лигата на шампионите.