Гвардиола: Ако не ме отпушти клубот, останувам помотивиран од било кога!

По денови на молк и шпекулации, денес првпат од Манчестер Сити се огласија за суспензијата на УЕФА од двегодишна суспензија од европските натпреварувања и парична казна од 30 милиони евра. Феран Сориано зборуваше пред натпреварот со Вест Хем, но сите беа нестрпливи да го слушнат Пеп Гвардиола по средбата од 26. коло на Премиер лигата која „граѓаните“ ја добија со 2-0.

„Ако не ме отпушти клубот, останувам во Манчестер Сити помотивиран од било кога. Сакам да останам и подолго од договорот кој го имам. Сакам да му помогнам на овој прекрасен клуб да го задржи нивото кое со години го градиме. 

Не знам каква ќе биде реакцијата на навивачите по казната, но се надевам дека ќе ни помогнат. Мора да играме максимално за овие луѓе кои доаѓаат на стадионот. Клубот најави жалба и убеден сум дека до крај ќе ја брани својата позиција. Кога некој верува дека е во право, мора да се бори докрај. И клубот тоа ќе го направи.

Разговаравме во соблекувалната и имаме договор да се бориме до последниот ден од сезоната. Оптимисти сме дека ќе победи вистината и на крајот ќе играме во Лигата на шампионите следната сезона. Се разбира, ако таму се квалификуваме“, рече Гвардиола по натпреварот против Вест Хем.

„Граѓаните“ првпат ќе играат натпревар под организација на УЕФА следната среда, кога на „Сантијаго Бернабеу“ ќе гостуваат против Реал Мадрид во осминафиналето на Лигата на шампионите.