Гвардиол: Пресреќен сум за трофејот, сакаме долго да останеме на тронот!

Најновиот член на Манчестер Сити, Јошко Гвардиол, беше пресреќен по победата на неговиот тим над Севиља во Суперкупот на УЕФА. „Граѓаните“ стигнаа до трофејот по подоброто изведување пенали, а ова е прва титула за Хрватот, кој тукушто пристигна во клубот. 

„Се чувствувам прекрасно. Пресреќен сум затоа што триумфиравме и се закитивме со овој трофеј. Суперкупот е натпреварување во кое не може да игра било кој и оваа шанса ја немате секој ден. Навистина сум задоволен од победата. 

Знаевме дека Севиља има исклучително квалитетен тим и се подготвуваме добро за нив. Мислам дека контролиравме поголем дел од играта, но имаше и моменти кога го загубивме нашиот фокус. Сепак, сметам дека сосема заслужено славевме и го освоивме престижниот трофеј на УЕФА. 

Уживам во секој момент откако пристигнав во Манчестер. Ова е неверојатен клуб, ние сме актуелни европски шампиони и сакаме да останеме на тронот. Не чувствувам голем притисок, затоа што сум опкружен со играчи и тренер од светска класа. Сите заедно целиме кон нови победи и трофеи“, заклучи хрватскиот репрезентативец. 

Јошко Гвардиол пред само неколку денови пристигна во Манчестер Сити од редовите на РБ Лајпциг. „Граѓаните“ за хрватскиот интернационалец исплатија сума од деведесет милиони евра и се очекува тој да биде одлично засилување за дефанзивата. Неговиот тим се закити со трофејот во Суперкупот и делува навистина силно и непобедливо, па затоа Сити е сѐ уште прв фаворит за сите трофеи и оваа сезона.