„Гвардиол изгледаше како мало дете на теренот, тоа е недозволиво“

Манчестер Сити делуваше прилично немоќно на гостувањето кај Астон Вила и загуби со минимални 1-0, а на удар се најде скапоплатеното засилување за дефанзивата на „граѓаните“, Јошко Гвардиол. 

Хрватот одново имаше настап со неколку грешки, од кои едната го чинеше Сити примен погодок, а медиумите не ја испуштија можноста да упатат критики кон него. Јамајканецот Бејли во неколку наврати го мина Гвардиол, а воедно го надигра и во моментите кога го постигна победоносниот гол за својот тим. Дефанзиивецот има квалитети, но очилгедно е дека играњето во Премиер лигата е сериозен предизвик на кој не може секој веднаш соодветно да одговори. 

Дел од навивачите се чудат како Гвардиол едноставно „запливал“ по дриблингот на Бејли и сметаат дека на ова ниво одбраната не смее да си дозволи вакви грешки, а воедно потенцираат и дека хрватскиот репрезентативец беше доведен во Сити за сума од дури 90 милиони евра. 

„Тој не е бек, туку е стопер. Не знам како тренерот мисли да го користи понатаму, но на оваа позиција делуваше целосно загубено. Гвардиол е повеќе од делумно виновен за голот. Бејли го „измести“ како мало дете, а тоа е недозволиво“, се дел од коментарите на социјалните мрежи. 

Јошко Гвардиол има голема доверба од тренерот со многу слично презиме (Гвардиола) и досега настапи на единаесет натпревари во Премиер лигата. Многумина се сомневаат во неговите квалитети, но веруваат дека постои простор за прогрес и многу подобри негови изданија во иднина. Манчестер Сити го запиша третиот пораз сезонава и моментално е четвртопласиран со триесет бодови на своето салдо.