Гвардиол блеска за Сити и станува најплатен Хрват во Европа

Хрватскиот стопер Јошко Гвардиол блеска во дресот на Манчестер Сити, а италијански „Тутомеркато“ се повикува на англиски извори и пренесува дека шампионот на Англија наскоро ќе го награди со нов договор.

Гвардиол, кој според актуелниот договор останува во Сити до летото 2028 година, би бил врзан за овој тим со новиот договор до 2030 година. Хрватскиот репрезентативец сега заработува 132 илјади евра нето неделно или 6,8 милиони евра годишно (без бонуси).

Италијанците известуваат дека новиот договор со Манчестер Сити би му донел дури 180.000 евра неделно или 9,3 милиони евра годишно, со што тој ќе стане најплатениот Хрват во европскиот фудбал.

Гвардиол постигна седум гола и додаде уште три асистенции на 56 натпревари за „граѓаните“, а на тимот му се приклучи во 2023 година од Лајпциг за сума од 90 милиони евра, што го прави најскапиот дефанзивец во историјата.