ВИДЕО: Гундоган го реши Јунајтед во ФА Купот, „два од три“ за Сити на Пеп

Екипата на Манчестер Сити е освојувач на ФА-Купот, откако во финалето славеше над вечниот ривал Манчестер Јунајтед со резултат 2-1 (1-1). Ова е втора титула за „граѓаните“ сезонава и се на само чекор од освојувањето на фамозната „триплета“. 

  • Извештај од натпреварот: 

 

 

Натпреварот започна спектакуларно за момците на Пеп Гвардиола, откако Илкај Гундоган ја затресе мрежата со ефектен гол уште во дванаесеттата секунда. Давид де Хеа остана „здрвен“ на голот и немаше никакви шанси да интервенира при прецизниот удар на германскиот репрезентативец. Се чинеше дека Јунајтед е во огромен шок, но „ѓаволите“ успеаја некако да го задржат налетот на Сити и се стабилизираа по првите петнаесетина минути. 

Јунајтед се обиде да излезе од својата половина и нападна кон голот на Ортега. Изгледаше дека нивните обиди не вродуваат со плод, но сепак, Џек Грилиш одигра несмасно со рака во својот шеснаесетник по една нафрлена топка од Бруно Фернандеш и по консултација со ВАР-собата, беше досуден пенал за тимот на Ерик Тен Хаг. 

Прецизен реализатор на најстрогата казна беше токму Бруно Фернандеш во 33. минута. Навивачите на Јунајтед беа пресреќни, а играчите се обидоа да стигнат и до пресврт, но Рафаел Варан не зафати најдобро една нафрлена топка и шутираше два метри покрај голот на Сити. На паузата двете екипи заминаа со резултат 1-1. 

Второто полувреме започна скоро идентично како и првиот дел. Манчестер Сити рано поведе со 2-1, а стрелец одново беше извонредниот Илкај Гундоган во 51. минута. Во овој момент Кевин де Брујне ја запиша својата втора асистенција на мечот. Следуваше период на малку посмирена игра, иако динамиката не изостануваше. Ерик Тен Хаг се обиде да го освежи тимот со влегувањето на Алехандро Гарначо на местото на Кристијан Ериксен. „Ѓаволите“ се обидуваа да се приближат кон голот на Ортега, но без конкретен успех. 

До крајот на натпреварот видовме помалку смирена игра, Манчестер Јунајтед се обидуваше да биде поопасен, Гарначо се обиде од далечина, па потоа и Фред од дваесетина метри, но не дојде до второ израмнување на резултатот. Сити постигна и трет гол во мрежата на Давид де Хеа, но Гундоган беше во офсајд и не успеа да стигне до „хет-трик“. Најдобрата шанса за „ѓаволите“ беше двојниот обид на Скот МекТоминеј по една мешаница, меѓутоа Сити успеа да се одбрани и ја зачува победата.

Ова е втор сезонски трофеј за „граѓаните“, кои сега имаат шанса да стигнат и до „триплетата“, доколку успеат да го совладаат Интер во финалето од Лигата на шампионите. Натпреварот за најпрестижниот трофеј во Европа е закажан за десети јуни. 

Состави

Пеп Гвардиола

4-1-4-1

    Ерик тен Хаг

    4-2-3-1