ВИДЕО: Гују е хет-трик јунак на Челзи, по бод за сите Македонци за крај на групата во КЛ

Челзи продолжи да игра по старо во Конференциската лига и со победа над Шамрок Роверс на домашен терен (5-1) остана максимален во натпреварувањето на УЕФА по последното петто одиграно коло.

  • Челзи - Шамрок 5-1:

„Сините“ го прегазија ривалот иако играа со комбиниран состав и демонстрираа квалитет. Како и на претходниот дуел со Астана, човек на натпреварот беше младиот Шпанец Гују, кој постигна хет-трик во мрежата на ривалот.

Напаѓачот ги даде првите два гола за 2-0 за Челзи, а исто така погоди и за 4-1 пред крајот на првиот дел. Останатите стрелци за „сините“ беа Дјузбури-Хал и Кукуреља, а единствен за Шамрок погоди Пом во првиот дел. Две асистенции на мечот имаше Нкунку.

Четворицата Македонци кои се дел од Конференциската лига освија по бод за крај на групната фаза. Астана на Алекса Амановиќ ремизира со АПОЕЛ (1-1), Борац на Шишковски и Николов одигра без голови со Омонија, а иста беше ситуацијата и на Јагјелонија на Дарко Чурлинов со Олимпија Љубљана. 

На останатите мечеви, Бетис го совлада ХЈК (1-0), Целје беше подобар од ТНС (3-2), Ѓургарден ја доби Легија (3-1), Ларне го изненади Гент (1-0), Молде во ефикасен меч освои три бода со Млада Болеслав (4-3), Панатинаикос беше убедлив со Динамо Минск (4-0), ТСЦ дојде до историска победа со Ноа (4-3).

  • ТСЦ Бачка Топола - Ноа 4-3:

Покрај гореспоменатите на македонските фудбалери, без победник завршија повеќе дуели, тоа се Серкл Бриж - Башакшехир (1-1), Хартс - Петрокуб (2-2), Хајденхајм - Сент Гален (1-1), Ласк - Викингур (1-1), Лукано - Пафос (2-2) и Виторија Гимараеш - Фиорентина (1-1).