ВИДЕО: Гуедеш ги овена „лалињата“, Португалија е прв победник на Лигата на нации

Селекцијата на Португалија е првиот победник на Лига А на Лигата на нации. Европските шампиони ја искористија предноста на домашниот терен и минимално ја совладаа Холандија со 1-0 (0-0) на преполниот „Драгао“ во Порто. 

  • Извештај од натпреварот: 

Сантос се одлучи да му даде шанса за Гуедеш пред Жоао Феликс, а Самедо доби предност пред Кансело. Португалците цело прво полувреме беа поактивни, Силесен запиша 3-4 интервенции, но ниту една од нив не беше претешка.

Се обиде Бернардо Силва на стартот, Бруно Фернандез од дистанца, па и Роналдо со глава, но од недозволена позиција, и голманот на Барса лесно интервенираше. „Лалињата“ беа организирани, но офанзивно безопасни. 

Куман го внесе Промес на почетокот од вториот дел и Холандија во само десетина минути двапати се закани. Најнапред Вајналдум, а потоа и Депај упатија удари кон Руи Патрисио, но мрежата на домаќинот не се тресеше. Возврати европскиот првак со ударот со глава на Фонте, но Силесен снаодливо расчисти. 

Моментот на одлука во финалето стигна во 60. минута. Бернардо Силва повлече, додаде до Гонзало Гуедеш, кој од работ на казнениот простор биеше силно и го совлада Силесен (1-0). Овој гол е четврти за 22-годишникот од Валенсија во дресот на репрезентацијата на Португалија. 

Само пет минути подоцна момците на Куман ја имаа најзрелата шанса. Нововлезениот Ван Де Бек центрираше, а Депај со глава биеше централно, па Руи Патрисио сигурно одбрани. 

Последниот џокер на Куман беше Лук Де Јонг од ПСВ Ајндховен и по неговото влегување „лалињата“ креираа две шанси, но Руи Патрисио ја сочува својата мрежа. Судијата Ундиано Маленко беспрекорно го отсуди финалето, негов последен натпревар во кариерата. 

Португалија е првата селекција со обезбеден пласман на Европското првенство 2020 година, а Холандија ќе се обиде да визира учество преку квалификациите.