• Горан Упале
Денешната жрепка за плеј-офот во Лигата на нации не ни донесе среќа, затоа што евентуалното финале во Лигата Д ќе го играме на гости.
Веќе од поодмна беше познато дека Македонија во полуфиналето ќе се сретне со Косово, натпревар кој ќе се игра во Скопје, а доколку излеземе како победници, тогаш за пласман на Европското првенство ќе се бориме на гостински терен кај Грузија или Белорусија, кои го сочинуваат вториот полуфинален пар.
Што се однесува до противниците во финалето, се разбира ако го минеме Косово, Грузија е тотално непознат ривал за нас, затоа што немаме одиграно ниту еден меѓусебен натпревар, додека со Белорусија ситуацијата е поинаква.
Досега нашите избраници одиграле три средби со соодветната селекција на Белорусија и имаме скор од една победа (2017 година со 3-0), еден пораз (2015 година 1-2) и едно реми на гости без постигнат погодок.
Полуфиналните средби се играат на 23 март, додека финалето е закажано за на 31 март, следната година.