• Горан Упале
Фудбалската репрезентација на Грузија извојува херојска победа над Португалија од 2-0 и со тоа го обезбеди своето учество во осминафиналето на Европското првенство во Германија.
Првата ѕвезда на Грузијците, Квича Кварацкелија и Ѓорѓес Микаутадзе беа автори на историскиот триумф над „европските Бразилци“, овој вториот на изненадување на цела фудбалска јавност се најде на врвот на листата на стрелците.
Членот на Мец постигна голови во сите три кола од групната фаза и со три гола моментално е најдобар стрелец на шампионатот. Зад него се Фулкруг, Гакпо, Марин, Мусиала и Шранц со по два постигнати гола.
Со головите во сите три кола Грузиецот стана само деветтиот фудбалер во историјата на Европските првенства со ваков скор. Претходно, голови во сите натпревари од групната фаза постигнале Мишел Платини (1984), Алан Ширер и Христо Стоичков (1996), Саво Милошевиќ (2000), Милан Барош и Руд ван Нистелрој (2004), Герет Бејл (2016) и Кристијано Роналдо (2021).
Грузија во осминафиналето ја чека нов тежок испит и дуел против моќната Шпанија.