• Мартин Танасковски

ГРУПА Ф
„Панцирите“ се една од најекипираните репрезентации на овој фудбалски Мундијал и се меѓу главните фаворити за тронот. Важат и за прво име во оваа група и се очекува од нив доминантни партии и лесен пласман во нокаут-фазата.
Клучот на успехот на Германија е Јоаким Лев, селекторот кој го води националниот тим од 2006 година и бележи успеси. Но, она што е против оваа репрезентација е „клетвата“ која ги прати шампионите. Во 1998 година, Франција стана првак, а на наредниот Мундијал не ја мина групната фаза.
Слично беше и со Италија, која стана шампион во 2006 година, но во 2010 испадна во групите, додека Шпанија, која го освои Мундиалот во Јужна Африка, не ги мина групите во 2014 година. Германците се составени од млад тим кој допрва треба да се докажува на репрезентативната сцена. Веќе ги нема Лам, Швајнштајгер, Подолски, Клосе, Мертесакер..., а на нивно место се нови фудбалери.
Предноста на Германија е што за разлика од другите земји, не зависи од само еден играч. Се работи за хомогена репрезентација во која сите имаат свој придонес. Во квалификациите „панцерите“ играа претежно со формација 4-2-3-1, а понекогаш со 3-4-1-1 или 3-5-2, во зависност од противникот. Мотив за успех се и фантастичните десет победи на десетте натпревари во квалификациите, како и гол-разликата од +39.
Денешната селекција на Мексико речиси и по ништо не се разликува од претходните кои настапиле на големите планетарни собири. Репрезентацијата од Централна Америка нема ништо ново да ни понуди на Мундиалот во Русија, како и по обичај игра брз фудбал, составена е од одлично технички потковани фудбалери, има доста искуство и неколку ѕвезди, како што се Чикарито, Дос Сантос, Вела, Гуерардо.
Хуан Карлос Осорио иако е Колумбиец точно знае како да ги постави своите избраници, кои на неколку пати оваа година докажаа дека можат одлично да се справат и со репрезентациите кои играат далеку поразличен стил од нивниот. На пример против Шкотска (1-0) и Велс (0-0) докажаа дека знаат како да се справат со снажни селекции, а во последната генералка пред овој собир со два гола во финишот беа поразени од селекцијата на Данска.
Единствена мака на Осорио би требало да биде тактичката поставеност на своите фудбалери, односно со која формација ќе истрча на терен. Во игра му се 4-4-2, 3-5-2, но и 4-5-1 со екстра офанзивен среден ред и Чикарито во нападот. Според очекувањата Мексико поседува поголем квалитет од Шведска и Јужна Кореја и заедно со селекцијата на Германија би обезбедила нокаут фаза од оваа група.
Шведска
Од ова лето започнува ерата без Златан Ибрахимовиќ за швадската фудбалска репрезентација и тоа на еден голем настан. Скандинавската земја го направи најголемото изненадување во бараж натпреварите и го доби двомечот со гигантот Италија и заслужено обезбеди виза за Русија.
Оваа Шведска е поставена на нови основи, јасно е дека во тимот нема повеќе играч кој со своите индивидуални квалитети може да ја направи разликата на теренот, но на терен делува доста моќно, бидејќи во пред план е тимската игра. Тимот целосно ја промени филозофијата откако си замина Ибрахимовиќ, игра многу цврсто во одбраната, не ја држи топката многу во свој посед, а со фрлањето во погон на неколку млади фудбалери, јасно е дека Јан Олоф Андерсон гради еден нов тим, кој од година во година би бил сè по моќен.
Аналитичарите сметаат дека борбата за нокаут фазата ќе биде многу тешка и клучен би требало да биде мечот со Мексико, односно победникот од овој дуел би требало да го даде вториот патник во осминафиналето, покрај фаворитот Германија.
Јужна Кореа
Корејците одиграа лош квалификациски циклус и завршија втори во својата група, а голем проблем им беа гостинските натпревари каде испуштија многу бодови. Знаат да играат само пред својата публика, па тоа би можело да биде проблем за нив на овој Мундијал.
Водени од ѕвездата Хјонг-Мин Сон од Тотенхем, фудбалерите на Кореа ќе се обидат да направат изненадување во оваа група и да се борат за второто место кое води во нокаут-фазата со Шведска и Мексико кои се далеку поискусни на Мундијалите.
Најголемиот успех на СП, Корејците го остварија во 2002 година, кога завршија како четвртопласирани, позиција која беше поздравена од целата Азија. Пред Мундијалот, Кореа имаше многу проблеми поради повреди, посебно во одбраната, каде недостасуваат тројца стандардни фудбалери.
Очекувањата на азиската селекција на ова СП не се големи, но во фудбалот сме сведоци на многу изненадувања.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ:
недела, јуни 17 (17.00 часот): Германија – Мексико
понеделник, јуни 18 (14.00 часот): Шведска - Кореја
сабота, јуни 23 (17.00 часот): Кореја - Мексико
сабота, јуни 23 (20.00 часот): Германија – Шведска
среда, јуни 27 (16.00 часот): Кореја - Германија
среда, јуни 27 (16.00 часот): Мексико – Шведска