ГРУПА Е: Бразил ја мерка шестата „божица“, Србија сака нокаут-фаза

Група Е

Бразил

„Кариоките“ се главен фаворит на овој Мундијал и се очекува од нив лесно да се „прошетаат“ низ групата Е. Под водство на селекторот Тите, Бразил изгледа страшно и на вкупно 21 меч под неговата палка, репрезентацијата има 17 победи, три ремија и само еден пораз. „Раштиманиот“ оркестар на Дунга сега е поинаква репрезентација, па се очекува на овој Мундијал да блесне во сиот свој сјај.

Голем плус за Бразил на ова првенство ќе биде враќањето на Нејмар, кој на пријателските средби покажа дека е во врвна форма. Ѕвездата на ПСЖ се очекува да биде лидер на репрезентацијата, а тоа го покажа на пријателските натпревари против Хрватска и Австрија на кои постигна одлични погодоци. Тука се и Фирмино и Хесус, кои имаа одлична сезона во Премиер лигата, како и Кутињо, Паулињо... кои блескаа во дресот на Барселона. 

Бразил е репрезентацијата која има најмногу трофеи на СП - вкупно пет. Го чека шестиот, уште од 2002 година, кога последен пат ѝ се радуваше на „божицата“. Првенството ќе го отворат со дуел против Швајцарија закажан на 17 јуни (20.00 часот).

Србија

Нашиот северен сосед по мала пауза се враќа на Мундијалите. Една од најталентираните генерации на Србија се пласираше во Русија, а желба е да се направи изненадување дури и против најсилниот противник во групата Бразил, иако настапите на последните два светски собира во 2006 и 2010 нема да се паметат по добро.

Мал хендикеп за тимот може да биде фактот дека Славољуб Муслин. човекот кој ја однесе репрезентацијата на СП, доби отказ напосредно по пласманот на светскиот фудбалски собир. На мундијалската „генералка“ против Боливија, со формација 4-2-3-1, Србија на Младен Крстајиќ извојува убедлив триумф од 5-1 и најави дека е подготвена за надигрување. Главна ѕвезда на тимот е Немања Матиќ, тука е и Сергеј Милинковиќ Савиќ, како и главниот шпиц во нападот - Александар Митровиќ.

Првиот натпревар на СП, Србија го игра против Костарика, на 17 јуни од 14.00 часот.

Швајцарија

Швајцарците се „најшарената“ репрезентација на овој Мундијал. Со неколку звучни имиња и тим формиран од повеќе држави, оваа селекција ќе се обиде да го освои второто место на табелата во борбата со Србија и Костарика, додека Бразил се смета за апсолутен фаворит за првото место.

Швајцарија на ова СП доаѓа како селекција со една од најдобрите одбрани - прими само седум гола на 12 натпревари во квалификациите и баражот. Главна ѕвезда е Џердан Шаќири, а поддршка му се Гранит Џака и Блерим Џемаили кои имаат искуство во најсилните европски фудбалски лиги.

На последниот Мундијал во Бразил, Швајцарците се пласираа во нокаут-фазата, но минимално загубија од Аргентина. Првиот меч на СП, Швајцарија го игра на 17 јуни против Бразил (20.00ч).

Костарика

Костариканците се најголемиот аутсајдер во групата, но потајно сонуваат шоу во Русија како она во 2014 година во Бразил. Но, многумина се скептици и не очекуваат исто сценарио за оваа репрезентација како пред четири години, поради далеку посилната група.

За Костарика ова е петто учество на Мундијалите, а интересно е што третпат ќе играат против Бразил. Ова СП ќе има големо значење за Кристијан Болањос, кој со евентуален настап ќе стане фудбалерот со најмногу настапи за Костарика на СП.

Клучни играчи во тимот се Кејлор Навас од Реал Мадрид, Жоел Кемпбел од Беетис, како и Марко Урена од Лос Анџелес. Тројцата имаа одлична сезона и ќе бидат главни адути на селекторот Оскар Рамирез.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ

недела, јуни 17 (14.00 часот): Костарика - Србија
недела, јуни 17 (20.00 часот): Бразил - Швајцарија
петок, јуни 22 (14.00 часот): Бразил - Костарика
петок, јуни 22 (20.00 часот): Србија - Швајцарија
среда, јуни 27 (20.00 часот): Бразил - Србија
среда, јуни 27 (20.00 часот): Швајцарија - Костарика