Група Ц: Може ли некој да ги сопре Англичаните со Кејн и Белингем!?

Вообичаено кога завршуваат националните лиги, а потоа се играат финалињата на европските натпреварувања, љубителите на фудбалот добиваат шанса да здивнат, да се одморат до почетокот на Лигата на шампионите, европските и конференциските квалификации. Но, годинава е поинаку, бидејќи ова лето ќе гледаме Европското првенство кое започнува на 14 јуни и ќе трае еден месец.

24 селекции ќе се борат за најпрестижниот трофеј на стариот континент. Форматот ќе биде ист како на претходниот шампионат – шест групи од по четири селекции, а во елиминациона фаза одат првите две селекции од групата и најдобрите четири третопласирани.  

Во продолжение ви ја претставуваме групата Ц, во која силите ќе ги одмерат Англија, Данска, Србија и Словенија. Тука нема сомнеж кој е апсолутен фаворит, „Гордиот Албион“ е далеку пред конкуренцијата во групата, но и важи за прв кандидат за трофејот.

Англија

Европскиот вицепрвак од минатото издание пред полните трибини на „Вембли“ остана без трофејот, бидејќи Италијанците подобро шутираа пенали. Амбициите на Англија не се променети, беа такви и на Мундијалот во Катар (и таму не се прославија), а според играчкиот кадар – сè ќе биде исто и во Германија. Селекција која најмногу надеж полага на својот капитен Хари Кејн, како и новата ѕвезда на европскиот фудбал Џуд Белингем. Токму овие двајца треба да направат меѓусебна хемија и по одличните сезони на клупски план, да бидат најопасните оружја на „Гордиот Албион“. Нацијата која важи за „колевката“ на фудбалот не може да се пофали со голем успех, бидејќи последниот голем трофеј датира од 1966 година и тогашниот Мундијал! Оттогаш Англија дојде до сребро на ЕП 2021, а бронзи во 1968 и 1996. Што се однесува до играчкиот кадар, селекторот Герет Саутгејт направи мали проблеми. Во последен момент од комбинација отпадна Џек Грилиш кој беше доста популарен во соблекувалната, а исто така и Хари Мегваер. Селекторот се реши за помлади сили на тие позиции. Освен Кејн и Белингем, фудбалска Англија полага надежи и во Сака, Палмер, Рајс, Фоден... Во групата Англија не би смеела да има проблеми да го обезбеди првото место, а и понатаму во нокаут рундата веројатно ќе има барем блага фаворитска улога пред останатите ривали. 

Данска

Откако на минатото Европско првенство играа полуфинале, амбициите на Данците значително пораснаа. Пласман во нокаут рунда и да се мине барем една фаза таму е најниската цел откако се крена летвичката. Вреди да се истакне и дека не е бадијала така. Данска има фудбалери кои играат со огромен успех во своите клубови, а квалификациите повторно ги мина моќно и финишира на врвот во групата (со ист број бодови како Словенија). Кристијан Ериксен е вистински лидер на тимот, а во нападот топки чека скапиот Расмус Хојлунд. Освен овие двајца, лидери на тимот се Андерсен, Хојбјерг, Поулсен, Кјаер, Дамсгард... Според букмејкерите и неодамнешните резултати Данците имаат предност за освојување на втората позиција во однос на Србија и Словенија. 

Словенија

Минаа 24 години откако Словенците играа на претходното Европско првенство. Сега предводени од Матијаш Кек успеаја во квалитетна конкуренција да го освојат второто место во квалификациската група, а на крајот бодовно беа израмнети со Данците. Интересен е фактот дека во репрезентацијата се врати Јосип Иличиќ кој во минатото беше носител на играта, но последен пат играше за Словенија во 2021. Оттогаш работите се променија и тој веројатно ќе биде во подредена улога на Бенјамин Шешко. Напаѓачот на Лајпциг и соиграч на Елмас е „ударна игла“ на словенечкиот напад, додека прва ѕвезда на репрезентацијата е Јан Облак. Освен наведените, со запазена улога во играта се Јака Бијол и Санди Ловриќ од Удинезе. 

Србија

Слична е и приказната на Србија, која првпат под ова државно име ќе игра на Европското првенство. По повеќе од две децении (24 години) српската јавност ќе ја гледа својата селекција на континенталниот собир. Амбициите кај нашиот северен сосед секогаш се максимални. Така беше и на претходниот Мундијал, а потоа ги стигна реалноста и ги „спушти на земја“. Сепак, Драган Стојковиќ - Пикси овојпат не дозволува предвремена еуфорија, бара од тимот да биде цврсто на земја и да се оди од натпревар во натпревар. Проблем би можел да претставува фактот дека главните ѕвезди на репрезентацијата доаѓаат од Саудиска Арабија, а тоа се Александар Митровиќ и Сергеј Милинковиќ-Савиќ кои играат заедно во Ал-Хилал. Сепак, таму двајцата Срби играа во завидна форма, а надополнети со Влаховиќ, Тадиќ, Костиќ, Самарџиќ, Миленковиќ имаат на што да се надеваат. Се очекува дека Србија и Словенија ќе бијат битка за третата позиција, а доколку успеат да ја изненадат Данска ќе се цели и кон второто место. 

Распоред на натпревари - Група Ц
1. коло - 16 јуни

Србија - Англија 21:00 часот (Гелзенкирхен)
Словенија - Данска18:00 часот (Штутгарт)

2. коло - 20 јуни
Србија - Словенија 15:00 часот (Минхен)
Англија - Данска 18:00 часот (Франкфурт)

3. коло - 25 јуни
Србија - Данска 21:00 часот (Минхен)
Англија - Словенија 21:00 часот (Келн)