ГРУПА Ц: Франција апсолутен фаворит, Перу и Австралија веруваат во изненадување

Група Ц

Франција

Популарните „Галски петли“ и на овој собир заминаа со страшен тим и важат за едни од главните фаворити за популарната „божица“. Селекторот Дидие Дешамп уште еднаш имаше тешка задача да ги избере 23-та со кои ќе настапи во Русија, а овој пат се одлучи за повеќе млади сили за кои рече дека можеби имаат помалку искуство, но имаат големи амбиции. 

Од неговиот список отпаднаа Александар Лаказет, Адријан Рабиот, Антони Марсијал, Жофри Кондогбија, Карим Бензема, Муса Сисоко, а поради повреди не можеше да смета на искусните Паје и Кошјелни. Капитенот на „златната“ генерација од пред 20 години речиси и да не може да згреши кога ќе го составува составот за натпреварите, а најверојатно негова најголема „грижа“ ќе биде со каква формација да излезе на терен, дали со претпознатливата 4-4-2 или со модерната 4-3-3.

Според тамошните медиуми предност ќе добие „поофанзивната“ 4-3-3 со Дембеле, Гризман и Мбапе во нападот и зад нив Погба, Канте и Толисо. За разлика од претходните големи натпревари Франција сега има и повеќе опции во одбраната. Столбови на одбраната се очекува да бидат Умтити и Варан, а бековските позиции ќе ги пополнат Менди и Сидибе. 

Според очекувањата Франција треба лесно и како првопласирана селекција да ја мине групата Ц, па во нокаут фазата се вкрстува со групата Д. Таму, доколку Аргентина ја оправда улогата на фаворит во Д групата и заврши на првата позиција, за второто место и меч со „галските петли“ ќе се борат селекциите на Хрватска, Нигерија и Исланд. Првиот меч на Мундијалот, Франција ќе го одигра на 16 јуни против Австралија, во второто коло ќе се сретне со Перу (21 јуни), додека групата фаза ќе ја заврши со меч со Данска на 26 јуни. 

Австралија

Возбудувањата во пресрет на почетокот на СП во Русија се големи кај земјите учеснички, но во Австралија како да не се чувствува мундијалската еуфорија. „Кенгурите“ одиграа солидна групна фаза и како третопласирана селекција обезбедија разигрување, во кое беа подобри од Сирија и Хондурас, но објективно оваа генерација е под секој просек, па дури ни Австралијанците не очекуваат некој голем резултат на овој Мундијал. 

Без разлика што во ждрепката имаа среќа и не им се падна некоја потешка група, пласманот до елиминационата фаза на оваа Австралија предводена од Берт Ван Марвијк е речиси невозможен. 

Ако на Мундијалот пред 12 години „кенгурите“ во својот состав имаа ѕвезди како Хари Кјуел и Марк Видука, сега селекцијата речиси и да нема лидер, а како најголеми ѕвезди се споменуваат ветераните Тим Кејхил (39) и Миле Јединак (34). Во првото коло Австралија ќе се судри со Франција (16 јуни), а потоа следат дуелите со Данска (21) и Перу (26 јуни). 

Данска

Ждрепката беше милослива. Селекцијата на Данска за противници во групата фаза ги доби Перу и Австралија и според очекувањата без многу проблеми треба да обезбеди осминафинале. А, сè потоа би било шлаг на тортата, бидејќи во нокаут фазата ги чека противници како Аргентина или Хрватска. 

 Данска не може да се пофали со голем број на фудбалски ѕвезди, а како што неодамна изјави селекторот Аге Хараиде тактиката на селекцијата на Мундијалот ќе биде многу едноставна – додајте ја топката до Ериксен, па тој знае што треба со неа.  Токму фудбалерот на Тотенхем е единствениот фудбалер од светска класа во редовите на оваа Данска. Ериксен одигра неверојатни квалификации и со осум гола беше најдобар стрелец на селекцијата, а неверојатна партија имаше во реванш мечот од баражот против Ирска, кога со три гола учествуваше во победата од 1-5 која беше доволна за нов Мундијал. 

Ериксен ја има целосната слобода во овој состав на Данска, а добро е тоа што тој не ја злоупотребува. Тој е вистински лидер на тимот и од него се очекува да биде предводник на селекцијата и на планетарниот собир во Русија. Но, тука можеби лежи и најголемиот проблем за Данците – што ако Ериксен се повреди или пак одигра под своето ниво во групната фаза. Сигурно никој не сака да помисли на овие две опции. Доколку се случи една од нив, Данска можеби нема соодветна замена за Ериксен, но дефинитивно има свој стил на игра, кој ја краси големата борба и тимскиот дух, која може да ѝ донесе успех. Данците првиот натпревар во Русија ќе го одиграат на 16 јуни против Перу, во второто коло ќе се судрат со Австралија (21), додека групата фаза ќе ја завршат со меч со Франција (26).

Перу

Паоло Гереро се врати и ќе биде дел од Перу на овој Мундијал. По пауза од 36 години селекцијата на Перу повторно ќе биде дел од еден вака голем собир, а најзаслужен за тоа е искусниот напаѓач Гереро. Но, токму тој им го зададе најголемиот удар на Перуанците оваа пролет, откако падна на допинг тест и ФИФА го суспендира од овој Мундилај. 

Сепак, судот во Лозана ја прифати молбата на Перуанците, како и на капитените на ривалите во групата Ц, Уго Лорис, Симон Каер и Миле Јединак и го помилова Гереро.  Искусниот голгетер ќе мора да ја отслужи суспензијата, но по СП. Па сега, нацијата повторно се радува, а Гереро работи напорно за да биде во најдобра форма во најголемиот предизвик во својата кариера. 

Оваа година Перу игра во одлична форма и во мартовската репрезентативна пауза извојува победи над Исланд и Хрватска, а потоа беше поуспешен и од Шкотска. Покрај Гереро оваа селекцијата ќе биде предводена и од Џеферсон Фарфан и Андре Кариљо, а според многумина се очекува свој блесок да има Кристијан Куевa. 

Фудбалерот на Сао Паоло го гледаат како еден од шесте ѕвезди кои можат да изненадат од сенка и да експлодираат во Русија. Тој има фантастичен преглед на играта, брилијантни идеи, техника на ниво, едноставни речиси и ништо да не му недостасува, само сега тоа треба да го покаже на европско тло. Перу, Мундијалот ќе го стартува со меч против Данска (16), на 21 ќе се соочи со Франција, додека на 26 јуни ќе се сретне со Австралија. 

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ:

сабота, јуни 16 (12.00 часот): Франција – Австралија
сабота, јуни 16 (18.00 часот): Перу -  Данска
четврток, јуни 21 (14.00 часот): Данска - Австралија
четврток, јуни 21 (17.00 часот): Франција – Перу
петок, јуни 26 (16.00 часот): Австралија - Перу 
петок, јуни 26 (16.00 часот): Франција - Данска