Група Б: Последна шанса за Меси, Колумбија на Кеироз фаворит од сенка! 

По три години пауза и по двете шампионски титули на Чиле во низа, еден од најатрактивните репрезентативни собири се враќа на големата сцена. Во земјата на кафето, самбата и фудбалот - Бразил ќе се одржи 46-тото издание на Копа Америка

И овој пат ќе учествуваат 12 репрезентации, поделени во три групи по четири селекции, а една од најитересните и највозбудливите се очекува да биде групата Б, која ја сочинуваат Аргентина, Парагвај, Колумбија и Катар

Аргентина:
Фудбалската репрезентација на Аргентина како и пред секое натпреварување е една меѓу најголемите фаворити за големиот трофеј. Во својата историја дури 14 пати се искачила на врвот на Копа Америка, но последен пат тоа ѝ успеа во далечната 1993 година. „Гаучосите“ во Бразил пристигнуваат со својата прва ѕвезда Лионел Меси. Многумина сметаат дека ова е последната шанса за Меси да освои трофеј со својата селекција, а се шпекулира дека доколку има ново разочарување како на последното Светско првенство во Русија, тоа ќе значи крај на неговата репрезентативна кариера. 

На последните два собири Аргентина беше многу блиску до посакуваниот трофеј, но немаше среќа во финалните средби со Чиле, откако двете ги загуби по изведувањето на пеналите. 

Поранешниот светски шампион во својот ростер покрај ѕвездата на Барселона ги има уште и Дибала, Агуеро, Ди Марија, Отаменди, но не и Икарди и Игуаин кои не ја добија довербата од селекторот Лионел Скалони. Првиот меч Аргентинците го играат в сабота на точно на полноќ, против селекцијата на Колумбија. 

Колумбија
Џејмс Родригез, Фалкао, Квадрадо и на оваа Копа Америка ќе бидат движечка сила на колумбиската фудбалска селекција. По елиминацијата од Англија на последното Светско првенство, Колумбија се реши да започне нова ера, а режисерската улога му ја доделија на искусниот стратег Карлос Кеироз. 

Португалецот кој своевремено беше десна рака на Сер Алекс Фергусон, па предводник на Реал Мадрид и Португалија, по осум години на чело на Иран се реши за нов предизвик и се пресели во Јужна Америка. 

Колумбија под негово водство игра допадлив и атрактивен фудбал, досега има одиграно четири средби на кои забележа три победи и еден пораз. Се претпоставува дека доколку фудбалерите во целост ја спроведат филозифијата на Квеироз, Колумбија може најмногу да изненади на овој собир. 

Парагвај: 
Со два порази, едно реми и една победа селекцијата на Парагвај ги заврши подготовките за новата Копа Америка. По пензионирањето на легендарниот Роке Санта Круз, Парагвајците немаат вистинска ѕвезда во тимот, па затоа останаа без учество на последниот Мундијал во Русија. Ветеранот Оскар Кардозо и на 36 години е првата напаѓачка опција на аргентинскиот стратег Беризо, а нему друштво во офанзивата се очекува да му прават Гонзалез од Сантос и Перез од Еспањол. Парагвај, турнирот во Бразил ќе го отвори в недела од 21:00 часот против Катар. 

Катар: 
Веќе 26 години Копа Америка има свои претставници надвор од границите на Јужна Америка. Овој собир ќе биде збогатен со две азиски земји, Јапонија и Катар. Домаќините на следното Светско првенство во 2022 година се тотални аутсајдери во групата Б, но сигурно ќе им биде од голема корист за претстојните подготовки за планетарниот собир.