• Мартин Танасковски
Вообичаено кога завршуваат националните лиги, а потоа се играат финалињата на европските натпреварувања, љубителите на фудбалот добиваат шанса да здивнат, да се одморат до почетокот на Лигата на шампионите, европските и конференциските квалификации. Но, годинава е поинаку, бидејќи ова лето ќе гледаме Европското првенство кое започнува на 14 јуни и ќе трае еден месец.
24 селекции ќе се борат за најпрестижниот трофеј на стариот континент. Форматот ќе биде ист како на претходниот шампионат – шест групи од по четири селекции, а во елиминациона фаза одат првите две селекции од групата и најдобрите четири третопласирани.
Во продолжение ви ја претставуваме групата Б која го носи епитетот „група на смртта“, затоа што во неа се наоѓаат три селекции од ТОП-10 во светот - Шпанија, Италија и Хрватска, заедно со незгодната Албанија.
Италија
Поради богатата фудбалска историја и освоениот пехар на последното Европско првенство кое се одигра во повеќе градови во Европа, Италија го има епитетот на фаворит во оваа група. Сепак, песимизам за „аѕурите“ носи лошиот настап во квалификациите за овој шампионат. Предводени од Лучијано Спалети, Италија едвај се пласира директно на ЕП 2024 и зад себе ја остави Украина во баражот. Тимот е доста подмладен, ја нема гранитната дефанзива предводена од Бонучи и Кјелини кои се во пензија, а вратата се отвори за помладите како Фаџоли, Гати, Камбијасо од Јувентус... Италија низ историјата знаеше да биде најдобра, баш кога ќе ја отпишат.
Шпанија
Подвигот на Шпанците на крајот на првата деценија и почетокот на втората од 21 век кога врзаа две европски титули остана неповторен. Оваа „фурија“ е доста подмладена, повеќето играчи немаат вакви големи натпревари и за нив ова ќе биде прв голем турнир на кој ќе имаат шанса да се докажат. Зад себе Шпанците оставија одлични квалификации со седум победи и еден пораз, 25 дадени и само пет примени гола во конкуренција со Шкотска, Норвешка, Грузија и Кипар. И тоа е сигнал дека за секого овој тим ќе биде проблем. Доказ за квалитетот е и освоената титула во Лигата на нациите во 2023 година. Третото освоено место на последното ЕП 2020 е патоказ за новата генерација на осмата светска сила предводена од талентите кои некогаш работеа со актуелниот селектор на А-тимот Ла Фуенте.
Хрватска
Хрватска е редовен учесник на големите натпреварувања. Ждрепката посака да влезе во „групата на смртта“ со Италијанците и Шпанците и да има тешка задача на настанот на кој за последен пат во дресот со државниот грб ќе игра Лука Модриќ. Највисок дострел на земјата на еврошампионатите е четвртфиналето, а Златко Далиќ и неговите играчи ќе се обидат да го поправат учинокот на ова првенство. Покрај Модриќ, во тимот се играчи како Гвардиол, Ковачиќ, Брозовиќ, Петковиќ... Хрватска изгледа зрело дека може да ја мине групната фаза, па барем тоа било и како една од најдобрите трети селекции.
Албанија
Албанците стапија на големата сцена за првпат во 2016 година, ама на дебито не успеаја да ја минат групната фаза. Сега се во Германија, ама со пеколна задача. Најуспешниот тим во квалификациската група Е кои зад себе ги остави Чешка и Полска влегува како аутсајдер на ова првенство, ама нема што да загуби. А, може секому да му направи проблем во оваа група. Селекторот Силвињо вгради победнички дух кај Албанците, кои предводени од двајца поранешни македонски репрезентативци - Тауљант Сулејманов (сега Сефери) и Јасир Асани играат лудо. Тука ќе ја искористиме познатата флоскула - „бидете внимателни, денес сите играат фудбал“.
Распоред на натпревари - Група Б
1. коло - 15. јуни
Шпанија - Хрватска 18:00 (Берлин)
Италија - Албанија 21:00 (Дортмунд)
2. коло - 19./20. јуни
Хрватска - Албанија 15:00 (Хамбург)
Шпанија - Италија 21:00 (Гелзенкирхен)
3. коло - 24. јуни
Албанија - Шпанија 21:00 (Дизелдорф)
Хрватска - Италија 21:00 (Лајпциг)