ГРУПА А: Уругвај најискусна, Египет најмотивирана селекција 

Група А

Русија

Организаторот на Светското првенство не го дочекува големиот собир во својот најдобар момент. Без искусен селектор како Хидинк и Капело, без асови како Аршавин и Кержаков и без позитивни резултати на пријателските натпревар, Русија е осудена на една цел – како да се помине групната фаза. Избраниците на Черчесов се потпираат на супер-талентот Кокорин и Головкин, кој игра во голема форма, и на искуството на Акинфеев и Жирков. Сите тест натпревари го потврдија проблемот, Русија да изгледа како тим, да трча во два правци и да наметне висок пресинг. Без овие компоненти и групната фаза е голем предизвик за „Зборнаја“.

Уругвај

14-кратниот победник на Копа Америка е најискусна селекција од четирите во А групата. Оскар Вашиннгтон Табарез ја освојувал Копа Америка со оваа група на фудбалери како Муслера, Годин, Суарез, Кавани, а пред осум години беше полуфиналист и на Мундијалот во Јужна Африка. Тандемот напаѓачи е пеколен, но во средниот ред недостига креација, па нацијата големи надежи полага во младите ѕвезди на калчолигашите Бентанкур и Весино. Во оваа група Уругвај е фаворит за осминафиналето, за нешто повеќе ќе му треба и голема доза на среќа и поклопување на среќни околности.

Египет

Првакот на Африка со Хектор Купер на клупата и Мохамед Салах во нападот е „нагазна мина“ за секој тим во Русија, иако повредата на првиот стрелец на Ливерпул и Премиер лигата е фактор кој не е безначаен за пласман во осминафиналето. По 28 години „фараоните“ се враќаат на едно Светско првенство, имаат најстар голман, нападот им е изразито подобар од одбраната, а за подвиг треба да ги имаат Салах и Елнени во топ-форма. 

Саудиска Арабија

Ако се суди по пријателските натпревари и покрај послабата група, Саудиска Арабија тешко дека ќе може да ја мине групната фаза. Селекторот Хуан Антонио Пици дојде непосредно пред почетокот на подготовките за Светското првенство. Ал Јасим и Ал Фарид се двајцата најголеми адути  на „бедуините“, но многу работи ќе бидат познати по првиот натпревар против Русите.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ:
четврток, јуни 14 (17.00 часот): Русија – Саудиска Арабија
вторник, јуни 15 (14.00 часот): Уругвај - Египет
недела, јуни 19 (17.00 часот): Русија - Египет
недела, јуни 20 (17.00 часот): Уругвај – Саудиска Арабија
четврток, јуни 25 (16.00 часот): Уругвај - Русија
чеврток, јуни 25 (16.00 часот): Саудиска Арабија - Египет