• Мартин Танасковски
Вообичаено кога завршуваат националните лиги, а потоа се играат финалињата на европските натпреварувања, љубителите на фудбалот добиваат шанса да здивнат, да се одморат до почетокот на Лигата на шампионите, европските и конференциските квалификации. Но, годинава е поинаку, бидејќи ова лето ќе гледаме Европското првенство кое започнува на 14 јуни и ќе трае еден месец.
24 селекции ќе се борат за најпрестижниот трофеј на стариот континент. Форматот ќе биде ист како на претходниот шампионат – шест групи од по четири селекции, а во елиминациона фаза одат првите две селекции од групата и најдобрите четири третопласирани.
Во продолжение ви ја претставуваме групата А, во која се наоѓа домаќинот Германија, заедно со Швајцарија, Шкотска и Унгарија. Јасно е дека „панцирите“ се првите кандидати за првото место во групата, но не смее да се заборават Швајцарците кои низ историјата се покажаа како доста незгодни. Се очекува Шкотска и Унгарија да се борат за третото место.
Германија
Домаќинот на ЕП 2024 имаше доста добра ждрепка. По разочарувачките настапи на ЕП 2020 и СП 2022, сега од Германија се очекува повеќе. Посебно затоа што го игра третиот континентален шампионат пред својата публика. Новиот селектор на „елф“, Јулијан Нагелсман, спои доста добар млад тим кој со неколку искусни играчи како Томас Милер и Тони Крос ќе оди на висок дострел. Тука е и младиот ас на Баер Леверкузен, Флоријан Вирц, кој имаше сезона за паметење. Сепак, мора да се биде внимателен, ако се земе предвид дека Германија во последните изданија на Лигата на нациите не успеа да слави во двомеч ниту над Швајцарија (1-1 и 3-3), ниту над Унгарија (1-1 и 0-1).
Швајцарија
Швајцарците во овој век не настапија на само три големи натпреварувања. Станаа константни на Европските првенства, но имаат доста осцилации во играта. Селекторот Мурат Јакин на ЕП 2024 цели на пласман во следната фаза. Некои од букмејкерите им даваат и добра шанса дека може да ја изненадат Германија. Се работи за искусен тим, во кој се имиња како голманот Зомер кој со Интер имаше одлична сезона, потоа Џака кој го водеше Баер Леверкузен до историја, тука се и Шар, Родригез, Закари, Шаќири, Фројлер, Емболо, Окафор...
Унгарија
Унгарија врза три Европски првенства во низа и се сака чекор понатаму на овој шампионат кој се игра во проширен формат. Селекторот Марко Роси сака да патува во следната рунда, со селекцијата која игра дисциплиниран фудбал, но и е многу опасна по контри. Генерацијата предводена од Доминик Соболсај е подготвена да ја израдува нацијата. Но, прогнозите не се многу оптимистички кај јавноста, за Унгарија се очекува да се бори за третото место.
Шкотска
Аутсајдер во групата, но доста опасен тим во реалноста. Шкотите се доста тврда селекција која игра тактички фудбал. Можеби не е убав за око, но барем носи резултат, тоа се докажа во квалификациите за овој циклус. Скот Мектоминеј од Манчестер Јунајтед имаше одличен циклус зад себе, а тука е и капитенот Ендрју Робертсон.
Распоред на натпревари - Група А
1. коло - 14/15 јуни
Германија - Шкотска 21:00 (Минхен)
Унгарија - Швајцарија 15:00 (Келн)
2. коло - 19 јуни
Германија - Унгарија 18:00 (Штутгарт)
Шкотска - Швајцарија 21:00 (Келн)
3. коло - 23 јуни
Швајцарија - Германија 21:00 (Франкфурт)
Шкотска - Унгарија 21:00 (Штутгарт)