Грозоморен чин во Аргентина: Двајца навивачи на Бока убија следбеник на Ривер

Ривер навивач

Не стивнуваат страстите и неколку дена по реваншот во финалето на Копа Либертадорес, во кој Ривер Плата ја победи Бока Јуниорс и стигна до шампионскиот трофеј.

Тажни вести одекнаа од Аргентина и велат дека еден млад навивач на Ривер го загуби животот во тепачка со двајца приврзаници на Бока. Немилиот случај се случил во Мисионес, провинција на северниот дел од земјата, и тоа додека 21-годишниот Ексекил Арон Нерис ја прославувал победата на својата омилена екипа заедно со своите пријатели.

Според тамошните медиуми, тој бил нападнат со нож, а фатална била повредата на феморалната артерија во левата нога.

„Умирам, умирам, ме нападнаа бидејќи ја прославував победата и дека сум навивач на Ривер“ , биле последните зборови кои ги слушнала неговата мајка.

Семејствoто ја потврди неговата смрт и се сомнева дека дресот кој што го носел младиот Ексекил била причината за монструозниот напад.